Претставници на ФУЛМ и највисоки претставници од Светските кредитни унии од САД и Европа на средба со Гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска

Филип Неделковски Настани и Промоции

Вчера беше остварена средба на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка со високи претставници на повеќе значајни кредитни унии од Соединетите Американски Држави и Европа. Средбата беше иницирана од штедилницата ФУЛМ, којашто во рамки на одбележувањето на дваесетгодишниот јубилеј од нејзиното формирање, ги покани претставниците на кредитните унии коишто се нејзини интернационални партнери во нашата земја.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на структурата и карактеристиките на нашиот финансискиот сектор. Притоа акцентот го стави на стабилноста на нашиот финансиски систем, нагласувајќи дека таа, веќе континуирано се одржува, при истовремено продлабочување на нивото на финансиско посредување. Во дискусијата со високите претставници на кредитните унии, подетално беа претставени согледбите и оцените за остварувањата на нашиот финансиски систем минатата година, при што беа разгледани и ризиците на кои се изложени домашните финансиски институции при своето работење. Беше истакнато дека меѓусекторската поврзаност на одделните институционални сегменти на нашиот финансиски систем и можноста за прелевање на ризиците од еден во друг сегмент се на релативно ниско ниво.

Претставниците на кредитните унии искажаа особен интерес за новиот Закон за платежни услуги и платни системи, на кој активно се работи во моментов. На средбата беа дадени и примери на успешните модели на кредитни унии на глобално ниво коишто прибираат депозити од граѓани и даваат платежни услуги. Воедно, беа истакнати и можностите и предностите коишто ги обезбедува дигитализацијата на финансиските услуги кај ваквите институции за своите членови.

Во завршницата на средбата, заеднички беше одбележано дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, во кој се транспонирани најважните делови од европското законодавство во оваа област, ќе се создадат услови за подинамичен развој на нашиот платежен пејзаж.

Претставниците на кредитните унии и на ФУЛМ коишто учествуваа на средбата, во име на Светскиот совет на кредитни унии искажаа благодарност до Народната банка за досегашната дваесетгодишна успешна соработка во рамки на активностите за обезбедување подобар пристап до финансиски услуги на граѓаните на нашата земја.

 

Извор: http://nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-25092019.nspx?fbclid=IwAR3areyE7Y0ElgJmiMTY75PY10RXbt9SlU7Pr_gZcIjYeyKpucOr5Zxz5aM